Јавна расправа за промена на законската регулатива за пациентите кои се соочуваат со неплодност

Јавна расправа промена на законската регулатива за пациентите кои се соочуваат со неплодност

На јавната расправа на тема „Кон промени на законската регулатива за поголема поддршка на пациенти кои се соочуваат со неплодност“ која се одржа во Собранието на РСМ, организирана од Здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување “ До бебе по патот на ИВФ“ , беа предложени заклучоци, а главен акцент е ставен на зголемување на бројот на ваучери за „ин витро“ оплодување на вкупно шест, независно дали е за прво, второ, трето или четврто дете.

На Јавната расправа дискутираа повеќе говорници, пратенички, гинеколози, здруженија, каде свое излагање имаше и директорката на ФЗОРСМ, М-р. Магдалена Филиповска -Грашкоска, која истакна:

„Најважната работа која што мора сите да ја знаеме е таа дека, за да се даде ова право за вкупниот број на обиди да биде шест, МОРА да се смени Законот за здравствено осигурување“, рече Филиповска -Грашкоска.

Министерот за здравство Беким Сали посебен акцент стави на активностите за унапредување на женското здравје, како едно од високите приоритети на министерството.

На јавната расправа, покрај предлогот за шест ваучери за „ин витро“ оплодување беа предложени и презентирани и следните заклучоци:

  • Поголемиот дел од терапијата да се стави на позитивната листа;
  • Да се покрене кампања за поголемо информирање на јавноста за можноста за донирање;
  • Да се воведе софтверски регистар за евиденција на ин-витро постапки
  • Да се прават редовни гинеколошки прегледи, односно скрининг на младите жени;
  • Да се организираат советувалишта во средните училишта и на факултетите;
  • Да се направи ревидирање на регулативата и адаптирање на модерните текови во био оплодувањето.

Зоја Самандова-Петрушева од Здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување„ До бебе по патот на ИВФ“ говореше за патот кој го чекорат пациентите до остварување на желбата и сонот да бидат родители и во име на пациентките кои се соочуваат со неплодност и во свое лично име, како пациентка која се остварила како родител дури после 12 години преку седмото „ин витро“ оплодување.

Д-р Татјана Гуржанова, ин-витро специјалист ја поддржа иницијативата на Здружението да се зголеми вкупниот бројот на ваучери на шест, независно дали е за прво, второ, трето дете или четврто дете бидејќи искуството покажува дека најголема потреба има за прво дете.

Спец. гинеколог акушер д-р Елма Абдула-Хасанаговски се осврна на можноста на позитивната листа да влезе гестрогената терапија за поддршка на рана бременост, а д-р Зоранчо Петановски, ИВФ специјалист и акушер, ја потенцираше потребата да се направи национален регистер (софтвер) за евиденција на ин-витро постапки.

Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова ја поздрави идејата за една ваква дискусија.

По дискусијата беше предложено презентираните заклучоци да бидат доставени до Комисијата за здравство на Собранието, Министерството за здравство, Државната комисија за биомедицински потпомогнато оплодување при Министерството за здравство и до Фондот за здравствено осигурување.