Говор на директорката на ФЗОМ М-р Маја Парнарџиева Змејкова по повод манифестацијата за одбележување на Светскиот ден на бубрегот

Почитувани претставници на медиумите, почитувани академици, почитувани професори, доктори, осигуреници и почитувани пациенти Сакам да се заблагодарам за Вашата покана, да бидам дел од манифестацијата за одбележување на Светскиот ден на бубрегот за 2014 година. Истовремено ја поздравувам иницијативата за подигнување на јавната свест за хроничната бубрежна болест во процесот на стареење на целокупната популација. Голема чест е да бидам присутна, тука, каде што, уште еднаш ќе бидат разгледани сите аспекти на нефролошките заболувања, дијализниот третман и во фокусот повторно да биде истакната важноста на трансплантацијата на бубрег како најдобра тераписка метода. Од бубрежна болест, во светот моментно се заболени повеќе од 500 милиони луѓе, што би значело дека приближно секој десетти возрасен човек на земјата има некое бубрежно заболување. Околу 1,5 милиони луѓе живеат со помош на вештачка замена на бубрежната функција, а во светот во просек се чека околу седум години за пресадување на бубрег.