Интервју со генeралната директорка на ФЗОРСМ

intervju

 

Реализацијата на превентивните цели беше стопирана врз основа на Одлуката за прогласување на кризна состојба поради Ковид-19 чијашто важност заврши на 30.06.2022 година. До денеска ваква нова Одлука не е донесена.  Имајќи го сѐ ова предвид, Фондот нема основа за укинување на превентивните цели 

 ФЗОРСМ веќе работи на воведување на сопствен електронски интегриран систем којшто директно ќе ги поврзува информационите системи на здравствените установи во реално време, со што ќе се подобри ефикасноста во работењето, во размената на податоците и контрола врз истите, по однос на пружање здравствени услуги на товар на Фондот, а во насока на оптимизација на расположливите буџетски средства според реалните потреби и намени на здравствените установи

 

Во Влада со претставници од Фондот за ажурирање на листата на лекови

 

   Почитувана, разговоров го водиме во тешко време (време на пандемија и економска криза). Може ли да ни кажете кои се најакутните проблеми со кои се соочивте по доаѓањето на функцијата?

Најнапред, би сакала да Ви се заблагодарам за можноста да поразговараме за повеќе прашања кои се од интерес и на докторите и на пациентите, односно осигурениците.
Имајќи предвид дека ФЗОРСМ има огромен број надлежности од особено значење за сите општествени сегменти, секојдневно се соочуваме со различни предизвици. 
Во изминативе неколку месеци интензивно работевме на повеќе полиња од здравственото осигурување, во поглед на справување со различни предизвици. 
Имено, со оглед дека на оваа функција пристапив кон крајот на април оваа година, а веќе извесен претходен временски период се работело на реформа во примарната здравствена заштита, секако дека големо внимание ми привлече оваа реформа.
Дополнително, покрај ова прашање, дел од фокусот беше насочен кон примената на зајакнати контролни механизми на фактурите за издадени лекови на товар на Фондот во аптеките, на што интензивно се работи со месеци. 
Не може а да не се нагласи континуираниот предизвик за Фондот поврзан со финансиските импликации, како резултат на зголемувањето на цената на електричната енергија, како и последиците од светската Ковид криза, којашто во текот на 2020 и 2021 година изврши огромен притисок врз работењето на здравствените установи и на здравствените работници, а со тоа индиректно и на Фондот.


   Во каква финансиска состојба е Фондот?

Фондот е во стабилна финансиска состојба и редовно и навремено ги врши плаќањата на обврските кон сите договорни субјекти.

 

Со министерот Беким Сали во Влада

 

    Кои се приоритетите во планот за работа за следната 2023 година, во контекст Фонд за здравствено осигурување – здравствени установи?

ФЗОРСМ како купувач на здравствени услуги врз начелата на сеопфатност, солидарност и еднаквост, обезбедува квалитетно и навремено обезбедување на надоместоците за остварени права на осигурените лица на Фондот и плаќања за здравствените услуги за кои склучува договори со здравствените установи. 
Фокусот на стратешките цели за 2023 година на ФЗОРСМ ќе биде насочен кон изнаоѓање дополнителни модели и механизми преку процесите на реорганизација и соодветна мотивација на човечките ресурси и воедно, оптимално користење на материјалните ресурси, а во насока на обезбедување повисок квалитет на услугите коишто здравствените установи им ги пружаат на пациентите, односно на осигурениците. 

 

   Постојат забелешки во функционирањето на системот во врска со остварувања на правата на граѓаните во делот на рецептите, листата на лекови, боледувања и сл. Во која насока е ангажманот на Фондот за надминување на овие проблеми?

Што се однесува до моделот и системот на функционирање на Фондот досега немаме забелешки, освен во насока на усовршување на веќе поставени системски функционалности за кои е надлежен Фондот.
ФЗОРСМ веќе работи на воведување сопствен електронски интегриран систем којшто директно ќе ги поврзува информационите системи на здравствените установи во реално време со што ќе се подобри ефикасноста во работењето, во размената на податоци и контрола врз истите, по однос на пружањето здравствени услуги на товар на Фондот, а во насока на оптимизација на расположливите буџетски средства, според реални потреби и намени за здравствените установи. На овој начин, воведениот електронски рецепт на Фондот ќе овозможи, меѓу другото, достапност до информации во реално време меѓу Фондот и здравствените установи во делот на креирање и реализирање рецепти во е-формат за лекови на товар на Фондот. 
Што се однесува до постапката за ажурирање на т.н. „Позитивната листа на лекови”, согласно законските прописи, Фондот интензивно работи со Министерството за здравство коешто е надлежно за донесување на потребните законски акти за практична имплементација на ваквата реформа. 
За исплатите за боледувањата можам да кажам дека се вршат текoвно, без застој, според соодветна динамика на обработка на комплетните барања, а така се исплаќаат и средствата за боледување. Ова подразбира дека проблем со застој на исплата може да настане евентуално во случај на некомплетираната документација од страна на матичниот лекар или од работодавецот. 

 

  Дали, според Вас, е оправдано мислењето на граѓаните „зошто ми е здравствено осигурување кога и онака сѐ морам да платам приватно”, ако и анализите покажуваат дека и пред Ковид кризата голем дел од здравствените услуги граѓаните ги плаќаа приватно, а и голем дел од лековите не се на позитивната листа којашто не е обновена со години (и посериозно разгледана, обновена, подновена и сл)?

Со средствата кои осигурените лица на Фондот ги плаќаат како основа за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување, солидарно за секој осигуреник може да се обезбедуваат и поголем број на здравствени услуги и лекови. Овој модел подразбира права за секој осигуреник на Фондот. 
Тоа што „Листата на лекови” не е ажурирана со години за жал, а поради тоа сега интензивно работиме на воведување современ процес, не потекнува и не е прашање коешто го засега единствено буџетот на Фондот.  
Според светската позитивна пракса и согласно Директивата за транспарентност на ЕУ за воспоставување на континуиран процес за обнова на „Позитивната листа” важна е правната рамка, а секако и основно поставените правила и критериуми за транспарентна работа, коишто со важечкиот закон од страна на Министерството за здравство треба да се уредат со правилник. 
Во насока на реализација на оваа програмска цел, на 28 септември во Владата на РСМ тим од ФЗОРСМ, заедно со министерот за здравство, д-р Беким Сали, присуствуваше на стручен состанок и дебата со цел разгледување на одредени согледувања и сугестии по однос на Предлог-правилникот за начинот и методологијата за утврдување на „Листата на лекови” коиштто паѓаат на товар на Фондот, којшто правилник треба да биде добра основа за квалитетно спроведување на постапката на вклучување на лекови на „Позитивна листа”, како и другите постапки поврзани со ревидирање на „Позитивната листа на лекови”. 
Фондот силно ги поддржува сите активности и мерки за обнова на „Листата на лекови” во интерес на осигурениците на Фондот.

 

    Што мислите за предлозите за реформирање на Фондот - наместо Управниот одбор на Фондот да се формира Собрание на осигуреници?

За ова прашање немаме добиено претходни сознанија. Сакам да нагласам дека и во сегашната управувачка структура на Фондот има претставници кои ги застапуваат осигурениците. Имено, Управниот одбор е составен од седум членови кои ги именува Владата на РСМ и тоа на период од четири години. Управниот одбор го сочинуваат по еден претставник предложен од: Министерството за здравство, Министерството за финансии, од Сојузот на синдикатите на Македонија, од Стопанската комора, еден претставник од Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора, претставник од Здружението на пензионери и претставник на осигурениците предложен од Здружението на потрошувачите.

 

Со претставници од Лекарска комора

 


   Подолго време беше нагласувана потребата за зголемување на капитацијата како сериозен проблем, чија висина не е променета од 2018 година. Дали и кога матичните доктори може да очекуваат позитивен одговор?  

о тек е активност и соработка со сите надлежни институции за воведување на реформа за плаќањето на здравствените услуги во примарна здравствена заштита, поточно начинот на пресметка и плаќање кон избраните лекари. Последното зголемување на износот за капитација беше во октомври 2019 година, со зголемувањето на капитацискиот бод од 55 на 63 денари (+14,55%). 
Освен активното анализирање на потребите и можностите за зголемување на капитацискиот бод, побарани се средства од Министерството за финансии од Буџетската проекција за 2023 година и во тек се преговорите за одредување на Буџетот на ФЗОРСМ за 2023 година.


  Дали за време на траење на здравствена криза ќе се отстрани реализацијата на превентивните цели?

Од страна на матичните доктори е потенцирано дека во услови кога има голем број заболени од Ковид-19 не треба да се мешаат здравите со болните пациенти, односно не може да се обезбедат услови за извршување на целите, бидејќи се зголемува ризикот за ширење на вирусот.
Превенцијата е клучен дел од грижата за здравјето на нацијата, а превентивните цели се ставени токму во таа насока, да се заштити здравјето на граѓаните и да се спречат разни компликации од задоцнето детектирање на болестите. 
Дополнително, во изминатиот период реализацијата на превентивните цели беше стопирана врз основа на Одлуката за прогласување на кризна состојба поради Ковид-19, чија важност заврши на 30.6.2022 година. До денеска, нова ваква Одлука не е донесена. 
Имајќи го сето ова предвид, Фондот нема основа за укинување на превентивните цели.