ФЗОРСМ: Фондот со сериозност ги третира забелешките на ДЗР во конечниот извештај, и постојано постапува на нивна имплементација

DZR

По однос на добиените новинарски прашања во врска со Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, Фондот за здравствено осигурување ја известува јавноста дека во целост и постојано постапува по извештајот за ревизија на работата на Фондот. Извештајот во голема мера ја олеснува детекцијата на проблемите и му овозможува на Фондот да се фокусира на нивно отстранување со што ќе се овозможи развој на работата, но и зголемување на ефикасноста и квалитетот на здравствените услуги кои Фондот ги обезбедува кон граѓаните.

Во продолжение, Фондот ги доставува следните информации кои се однесуваат на одредени забелешки во извештајот за работата на Фондот. 

Во однос на забелешката за непополнетоста на раководните работни места, Фондот секоја година пополнува нови вработувања преку јавни и интерни огласи, а врз основа на План за вработување на Фондот. Според тоа, во однос на 2021, која е годината на која се однесува извештајот на ДЗР, Фондот го напуштиле 54 вработени, назначени се два секторски директори и вработени се нови 14 лица, од кои 9 се раководни места. Споредбено, во 2022 година согласно Планот за вработување за истата година, планирано испразнување на работни места преку пензионирање и најавени заминувања се 79 вработени, а има 79 нови вработувања од кои 12 се раководни места. Со ова, Фондот во континуитет постапува по однос на зебелешката за непополнетоста за работните места на ДЗР.

Во однос на забелешката за контролните активности при остварување на правата од здравствено осигурување, појаснуваме дека контролните активности кои ги забележува ДЗР се предмет и работа на истражни органи. Фондот спроведува контрола врз основа на законски пропишаните параметри и нема истражни надлежности.

Во однос на системските и мануелните контроли во процесот на препишување и издавање на лекови, Фондот ги констатираше недостатоците. Од 01.04.2021 година во информатичкиот систем на Фондот се поставени измени на апликацијата, со што при електронската валидација на податоците од фактурите за репецтите, воведена е системска контрола на единствениот број на рецепт кој е задолжителен податок. Со контролата на единствениот број на рецептот се оневозможува истиот да се јави повеќе пати за секоја фактура посебно.
 

  • Дополнително на 13.10.2021 година беа задолжени сите Подрачни служби на Фондот за вршење на дополнителна контрола на ставки на рецепти кои во информатичкиот систем на Фондот се појавија со ист единствен број на рецепт повеќе од еднаш, а кои се однесуваат на рецепти за наркотика и акутна терапија. Од страна на Подрачните служби, извршено е намалување на износите кои се констатирани како невалидни. 
  • По оваа активност Фондот овозможи  поврзување со системот на Мој термин, и преземање на податоци добиени од истиот. Воведе и дополнителни контролни механизми кои отпочнаа да се користат за фактурите на рецептите од април 2022 година. Резултат на оваа контрола и поврзување, е оневозможување на исплата на невалидни рецепти. 
  • Крајно, Фондот во 2022 година ја заврши постапката за набавка за услуги за изнајмување на облак за примарен и секундарен податочен центар, на кој ќе биде поставен софтверот наменент за пропишување, издавање и фактурирање рецепти. Со овој чекор, Фондот ќе воспостави контрола на издавањето на лековите во реално време, како што е нотирано и во самиот краен извештај на ДЗР за 2021година, доставен на 23 јануари 2023 година. 

 
Во однос на функционирањето на ИТ системот на Фондот, конечниот извештај за извршена ревизија на ревизорите од Државниот завод за ревизија, доставен на 23 јануари 2023 година, односно минатиот месец, укажува дека:

 

Во текот на 2022 година отпочната е постапка за јавна набавка на услуги за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци со кои се очекува состојбата да биде надмината

 

Јавната набавка е распишана на 30.09.2022 година, додека договорот е склучен на 09.12.2022 година, при што избраната компанија започна со работа од 1 јануари 2023 година. Според планот и спецификацијата, првата фаза односно миграцијата на системската инфраструктура треба да се реализира во февруари, а после која фаза би почнала миграцијата на апликативна и податочна инфраструктура.

По прашање на забелешката за изрекувањето на договорните казни, Фондот известува дека констатацијата се однесува на 2020 и 2021 година кога ЈЗУ и ПЗУ функционираа во пандемиски услови и кога постојат заостанати договорни казни. Со формирањето на новите Комисии во континуитет се работеше на расчистување на застојот, а оваа состојба се надминува. 

За забелешката за одобрување и реализација на условниот надоместок во ЈЗУ, Фондот за потребите на ЈЗУ одобрува условни буџети строго за наменски набавки (пример, набавка на лекови кои не се на позитивната листа, а се неопходни за третирање на пациенти). Во 2022 година има изменета пракса во која  средствата се исплатуваат после прикажување на фактура за набавка на конкретниот лек со цел да се обезбеди максимална контрола, согласно претходните укажувања на ДЗР. 

Во однос на забелешката при исплата на надоместоците за породилно отсуство, Фондот го има самостојно констатирано овој недостаток. Станува збор за период во 2020 и во 2021 година во пандемиски услови, при одлука на Владата на Република Северна Македонија во која се продолжи породилното боледување во пандемиски услови. За време на продолжувањето, одреден број на работодавци не известиле дека дел од родилките се вратиле во редовен работен однос, и со тоа дел од родилките примале и породилно боледување и редовен месечен надомест. При констатирање на овој проблем, Фондот веднаш има постапено, со што поголемиот дел од работодавачите ги коригирале редовните месечни надомести, додека кај оние кај кои оваа состојба не е коригирана (кои се околу 60-тина на број) се пристапувало индивидуално, за да се надмине проблемот. 


Како што нотира и конечниот извештај за ревизија на ДЗР доставен на 23 јануари 2023 година, а се однесува на ревизијата за 2021 година „во текот на ревизијата од страна на Фондот се преземени активности:

 

  • вградување на автоматски контроли во модулот за боледување
  • повторна контрола на сите исплати кај кои истовремено е извршена исплата на плата од работодавачот и надоместок на плата за породилно отсуство
  • организирање на работна средба со претставници на УЈП со цел адаптација на софтверско решение за интегрирана наплата на придонеси

 

За забелешката во постапката за упатување за лекување во странство, како што нотира и конечниот извештај за ревизија на ДЗР доставен на 23 јануари 2023 година, а се однесува на ревизијата за 2021 година „Во август 2022 година донесен е правилник за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство со кој меѓу другото е уредено склучување договори со здравствени установи во странство, критериуми и постапка за избор на истите, со кои е опфатен и начинот на користење на здравствените услуги во ПЗУ во РСМ“ Со овој правилник во целост се надминува забелешката на ДЗР. 

По прашање за забелешката за состојбата на дел од обврските во финансиските извештаи, поради воведените контролни механизми на Фондот за извршување на процес на контрола на фактурите, се јавува временска разлика од приемот до евидентирањето, но истата не влијае на крајниот рок на исплата на фактурата. Овој принцип, не е вообичаен, но претставува дополнителна заштита при исплата на средствата на Фондот.

Во однос на обезбедување на сите здравствени услуги за осигурениците, Фондот има склучено договори со сите ПЗУ кои имаат добиено решение за влез во мрежа од Министерството за здравство и имаат доставено барање до Фондот за склучување договори за влез во мрежа. Таа постапка е утврдена со Законот за здравствена заштита и Закон за здравствено осигурување.