
Новините во примарната здравствена заштита предвидуваат дека болните со висок крвен притисок, шеќерна болест, намалена функција на тироидната жлезда, бронхитис на белите дробови и астма, можат да добијат терапија и едукација кај својот матичен лекар.
Со промените во системот на примарната здравствена заштита пациентите/осигурениците, преку ФЗО, ќе можат на побрз и поефикасен начин да дојдат до терапија за хроничните болести. Согласно со новиот Правилник, болните со висок крвен притисок, шеќерна болест, намалена функција на тироидната жлезда, бронхитис на белите дробови и астма ќе можат да добијат терапија и едукација кај својот матичен лекар, најави м-р Магдалена Филиповска-Грашкоска, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Со овие новини матичните лекари ќе може да препишуваат терапија и да дијагностицираат, што досега го правеа само специјалисти и супспецијалисти. Тоа значи дека пациентите ќе ја добијат здравствената услуга поблиску до местото на живеење и нема да бидат дополнително упатувани на специјалист од соодветната област
- најави Филиповска-Грашкоска.
Министерството за здравство, со поддршка на СЗО, започна кампања за промените во системот на примарната здравствена заштита.
Врз основа на анализа на Министерството за здравство, се увиде потребата од ревидирање и системски решенија на примарната здравствена заштита, која претставува основа на целиот здравствен систем. Трансформацијата е во насока на ревидирање и модернизирање на примарната здравствена заштита, со акцент на хроничните заболувања
- рече минситерот за здравство д-р Фатмир Меџити.
За оваа цел Министертвото за здравство отпечати интерактивни брошури, обучи 700 матични лекари и посети повеќе здравствени домови за да можат пациентите и лекарите одблиску да се запознаат со овие новини.