Во Фондот за здравствено осигурување на Македонија се одржа работна средба со претставниците на Владата на чело со Проф. д-р Христијан Мицкоски, Претседателот на Владата. Ова е прва посета на Претседател на Влада на Фондот по 2012 година и е јасен показател за посветеноста на оваа Влада за подобрување на здравството. На оваа средба се презентираше работата на Фондот во првите 100 дена на Владата.
Во рамките на тоа, покрај првата обнова на позитивната листа од 2014 година, презентирана е мерка за справување со еден од најголемите проблеми во здравството, а тоа е растечкиот долг на 109-те јавни здравствени установи (ЈЗУ). Долгот само во првото полугодие од 2024 година е зголемен за 1 милијарда денари, односно, долгот е зголемен од 4 на 5 милијарди денари или околу 81 милион евра. Ваквото ниво на долг го загрозува работењето на повеќе ЈЗУ или може да доведе до нивно блокирање. За овој проблем, јавноста беше информирана.
Планот на Фондот за долгот на ЈЗУ е обезбедување дополнителни средства, со истовремено идентификување на причините за долгот, кои ги има и на приходна и на расходна страна. Причините се движат од несоодветно планирање и финансирање до недомаќинско работење. За илустрација, на Клиниката за радиотерапија и онкологија и покрај јавно декларираните поддршки не се буџетирани потребните финансии, а примери за недомаќинско работење има повеќе.
Идентификување на причините за долгот е клучно да запре создавањето долг. Воедно, една од најбитните работи е сузбивање на корупцијата и криминалот, одговорност мора и ќе има, бидејќи без тоа нема да има напредок.
Истовремено, Фондот со ребаланс на државниот буџет и со заштеди обезбеди средства за намалување на долгот за 2 милијарди денари, односно го намалува од 5 на 3 милијарди. Средствата се распоредени според големината на буџетот и долгот на ЈЗУ, во сите градови и сите подрачја. Околу една третина од ЈЗУ ќе бидат целосно раздолжени, главно здравствени домови, а кај повеќето ќе се избегнат блокадите. Ќе се деблокира и ЈУ заеднички служби, која во моментот е блокирана.
Намалувањето на долгот на одржливо ниво е прв чекор кон целосно решение кое ќе се одвива во текот на 2025 година. Намалувањето на долгот ќе овозможи простор за нови мерки, а Фондот дефинираше неколку пакети мерки и тоа: за онкологија; за жени, мајки и БПО (инвитро); за деца; кардиоваскуларни болести; регионализација; офталмологија; радиологија и друго. Овие пакети ќе бидат објавувани во наредниот период, а ќе се реализираат во следните шест месеци.
Најголем пакет ќе биде за онкологија и само за Клиниката за онкологија ќе бидат обезбедени 315 милиони денари или над 5 милиони евра. Овој пакет ќе има над десетина мерки и во дијагностика и во терапија-истакна генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски .
Паралелно, зголемувањето на контролата и на одговорноста и зголемување на финансиите, се дел од патот за заздравување на јавното здравство.
На крај,генералниот директор Сашо Клекоски се заблагодари на Проф. д-р Христијан Мицкоски, Претседател на Владата на Македонија, н а Гордана Кочовска Димитриевска и на Министерството за финансии, на министерот за здравство д-р Арбен Таравари и на Министерството за здравство за поддршката, како и на директорите на ЈЗУ, на секторските директори, советниците, како и на вработените во Фондот, кои со напорна работа за многу кратко време го подготвија планот за намалување на долгот!