Во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, денеска беше потпишано писмо за соработка помеѓу Фондот и Проектот на УСАИД за партнерство против корупција кој ќе биде спроведуван од страна на Менаџмент системс Интернешнал, компанија на Тетра Тек.
Целта на ова писмо за соработка е да се постави основа на заеднички приоритети кои се насочени кон реализацијата на активностите кои треба да го зајакнат системот за спречување и намалување на институционална ранливост на корупција.
Со ова, двете страни се обврзуваат на заедничка соработка, обезбедување на соодветен персонал и ресурси кои ќе бидат соодветно распределени во спроведување на активностите поврзани со проектот.
Оваа соработка ја поставува основата на заедничките напори, фокусирајќи се на клучните области како што се внатрешна контрола, градење на капацитети за проценка на ризикот од корупција, подобрување на процесите на регрутирање и сл.
Од страна на преставниците на Проектот на УСАИД за партнерство против корупција беше потенцирано дека преку соработката ќе се даде поддршка за зголемување на финансиската транспарентност и подобрување на функционалноста на системот на е-здравство, како и промовирање на интегритетот и одговорноста во управување со ФЗО во текот на наредната година.
Писмото за соработка беше потпишано од страна на директорите на ФЗО, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов и Лоренс Хелд, директор на проектот, а стапува на сила од датумот на потпишување.
За текот на активностите и резултатите од проектот медиумите ќе бидат известувани транспарентно од двете страни, потписници на ова писмо за соработка.