БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО

VII. ПРАВО НА КОРИСТЕЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ВО СТРАНСТВО

А) БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО

Осигуреното лице може да оствари болничко лекување во странство во случаи кога е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која се упатува постои можност за успешно лекување во таа заемја.

Постапката за упатување на лекување во странство се поведува по барање на осигуреното лице.

За малолетните лица и лицата лишени од деловна способност, барањето го поднесува родителот, посвоителот или старателот.

Барањето се поднесува до Фондот за здравствено осигурување на Македонија преку подрачната служба во местото каде подносителот на барањето е пријавен во задолжително здравствено осигурување.

Осигуреното лице кон барањето (Образец 1- лекување во странство - болничко лекување) треба да го приложи следните документи:

  • предлог за упатување на лекување во странство од соодветната клиника
  • медицинска документација за текот на лекувањето
  • потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување
  • здравствена легитимација на увид
  • профактура од странската здравствена установа
  • согласност за прием од странската здравствена установа
  • решение од Министерство за труд и социјална политика - Центар за социјални работи доколку осигуреното лице има својство на дете со посебни потреби

Предлогот за упатување на лекување во странство го дава конзилиумот од најмалку тројца лекари и директорот на соодветната клиника и важи три месеци од денот на издавањето.

Врз основа на предлогот за упатување на лекување во странство и приложената медицинска и друга потребна документација за текот на лекувањето во здравствените установи во Републиката односно соодветната клиника при Клинички центар - Скопје, согласност за прием на лекување во странската здравствена установа со предлог за начинот на лекување и назначување на термин за лекувањето и профактура од странската здравствена установа, оценка и мислење за потребата од лекување во странство дава Првостепената лекарска комисија за лекување во странство при Фондот.

По добиената согласност од странската здравствена установа за прифаќање на лекувањето во која е одреден термин за прием на лекување и по добиена оценка и мислење на Првостепената лекарска комисија, осигуреното лице врши уплата во износ од 20% учество од доставената профактура на странската здравствена установа, за лекување во странство.

Фондот донесува решение за упатување на лекување во странство по оценката и мислењето од Првостепената лекарска комисија и извршената уплата на учеството од 20% учество од доставената профактура на странската здарвствена установа, за лекување во странство.

Од уплата на учество од 20% во вкупните трошоци се ослободуваат деца со посебни потреби, според прописите за социјална заштита.

Својството на дете со посебни потреби осигуреното лице го докажува со решение од надлежниот Центар за социјална работа при Министерството за труд и социјална политика.

Против решението на Фондот, осигуреното лице има право на  жалба во рок од 15 дена до Второстепената комисија за уплатување на лекување во странство при  Министерство за здравство.

Фондот врши уплата на средствата за лекување во странство на странската здравствена установа за осигуреното лице кое е упатено со решение од Фондот, по закажан термин на лекување во странската здравствена установа.