МЕДИЦИНСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

V. ПРАВО НА  МЕДИЦИНСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Медицинската рехабилитација на болните и повредените ги опфаќа постапките на физикалната медицина (масажа, кинези терапија, електротерапија, хидротерапија, термотерапија, фототерапија, примена на ултразвук, магнето терапија, ласеро терапија), оспособување со стручна работа и со примена на ортотски средства, со цел за спречување на настанување или отстранување на намалена работна или функционална способност на осигуреното лице.

Медицинската рехабилитација се спроведува во амбулантно поликлинички услови, во рамките на болничко лекување и во специјализирани здравствени установи.


Осигуреното лице остварува право на медицинска рехабилитација по правило во амбулантски услови во најблиската здравствена установа која врши дејност медицинска рехабилитација, со упат на избраниот лекар, по предлог на лекар специјалист од соодветна специјалност.

Осигуреното лице може да оствари право на медицинска рехабилитација во болнички установи кои вршат медицинска рехабилитација и Заводот за медицинска рехабилитација - Скопје, освен во специјални болници, со упат на избраниот лекар, по предлог на лекар специјалист од соодветната специјалност и мислење и оценка на лекарска комисија на Фондот.

Осигуреното лице може да оствари право на специјализирана медицинска рехабилитација, како продолжено болничко лекување непосредно по акутно заболување, состојба и повреда, или кога заради влошување на хроничната болест се наоѓал на болничко лекување најмалку 10 дена, а е започната рехабилитација и кога понатаму постојат функционалните пречки за чие отстранување е неопходно да се продолжи лекувањето и рехабилитацијата во специјална болница за специјализирана медицинска рехабилитација, ако во здравствената установа тоа не е можно.

Правото на специјализирана медицинска рехабилитација може да се оствари во рок од еден месец по завршеното болничко лекување, односно во рок од шест месеци по прележан инфаркт на срцето.


Правото на специјализирана медицинска рехабилитација може да се остварува со решение на Фондот, врз основа на поднесено барање (образец1 специјализирана медицинска рехабилитација) со следната документација во прилог:

  • Oтпусно писмо за завршено болничко лекување од здравствената установа каде е извршено болничкото лекување, - конзилијарно мислење од соодветната болничка установа во која се лекувало осигуреното лице
  • Наод, оценка и мислење на лекарска комисија
  • Здравствена легитимација на увид

Специјализираната медицинска рехабилитација може да трае најмногу 21 ден, а во исклучителни случаи до 30 дена, само еднаш во текот на една година.